Dark Mode Light Mode

Делото на вечните Миладиновци чие чествување изостана

Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:

Кога нештото е важно, значајно и големо треба често да се истакнува, а особено кога се работи за јубилеј. Така, минатата недела на 24 јуни беше одбележана 160-годишнината од Златната книга на македонската преродба – Зборникот на народни песни од браќата Миладиновци – Димитар и Константин.

Појавата на ова автентично книжевно дело е последица на историската закономерност во конкретното време. Тоа е време на просветителство и романтизмот на поширокиот европски простор, на влијанијата на Империите – Руската и Австриската, на условите во османлиската држава во чии рамки била и Македонија. Тоа е време на наднационални определби – словенски, бугарски, македонски, православни, католички, присутни и во народна пробуда на македонскиот народ.

Реклама

Независно од тривијалниот компромис во насловот, овој Зборник на народни песни – 660 вкупно, од кои 584 македонски, претставува епохален и пресуден културен настан. Во него е кондензирано минато на македонскиот човек, тој е содржина на резимирано духовно богатство и ризница на македонскиот народен јазик и на народното мислење.

Не случајно на овој културен настан, подоцна се надоврзува идејноста на К.П.Мисирков за македонската национална програма. Потоа следи и дејноста на Коста Солев Рацин – основоположникот на современата македонска книжевност, кој го доживувал Зборникот, како златната книга на македонската преродба.

Раскажувајќи за својата дружба со Рацин во есента 1940 г. во Белград, македонскиот писател и автор на македонската химна – Владо Малески се сеќава на зборовите на Рацин искажани во една квечерина, по денот поминат во белградските библиотеки: „Го читам Зборникот на твоите стружани.“ Малески ја пренесува радоста на Рацина, кој му покажувал стихови препишани од книгата на Миладиновци. За да конечно членовите на АСНОМ на Првото заседание го „озваничат јазикот на Миладиновци како книжевна норма на сите Македонци“ (Г.Тодоровски).

Затоа ова велико дело треба да се чествува и да се почитува од сите – македонските државни, научни, културни и образовни институции, од целокупната општествена јавност. Деновиве тоа изостана, а „околу мâгли и мразој земни, а в’гради студој и мисли темни“ ( Т’га за Југ).

Авторите на Зборникот на народни песни, браќата Миладиновци – Димитар и Константин се извонредени поединци кои се истовремено и производ и чинители во историскиот процес. Тие се претставници и творци на општствените сили што го менуваат ликот на пошироката средина  и на начинот на мислењето на луѓето, не само во македонскиот простор, туку и пошироко.

Keep Up to Date with the Most Important News

By pressing the Subscribe button, you confirm that you have read and are agreeing to our Privacy Policy and Terms of Use
Previous Post

„Филхармонија на отворено“ утре вечер во дворот на Министерството за култура

Next Post

Грција ќе им дава по 150 евра на младите за да се вакцинираат

Реклама