Повик за утрешен протестен собир во општина Центар насловен како „Кога пилите ќе сгивнат“ упати денеска Здружената иницијатива на 12 организации и активистички групи во Скопје – „Зелен хуман град“. Собирот ќе се одржи утре, на 13 јуни, во 12 часот напладне на улицата „Орце Николов“ и ќе трае до 15 часот. Причината за протестот е неодамнешната сеча на повеќе зелени дрвја на оваа скопска улица.
-Истражувањата покажуваат дека во последните две децении, зелените површини во центарот на Скопје се драстично намалени! Овој екоцид е резултат на неконтролирана градежна офанзива, тотално неодговорно планирање и отсуство на секаква визија при изведба на улични реконструкции. Последниот инцидент се случи во градското јадро, на улицата Орце Николов, каде што без никаква претходна најава беа искасапени здрави дрвја, кои на граѓаните им обезбедуваа кислород и беа островчиња за сенка во сахарско Скопје, се наведува во соопштението.
Од „Зелен хуман град“ истакнуваат дека образложението кое пристигнало од локалните власти откако штетата била веќе направена, е неточно.
-Повеќето од исечените дрвја беа со зелени крошни, а не целосно суви и трули како што тврди Општина Центар, а и тие што биле заболени можело да се лечат наместо да се сечат – и да се ужива во нивните благодати додека младите дрвја не пораснат! Додека новозасадените дрвца пораснат и станат целосно функционални за апсорпција на јаглерод диоксид и заробување на ПМ честичките со листовите – ќе поминат децении. За властите, за ова може да се почека, но за парите не може. Револтот од ваквиот однос ќе го изразиме на местото на злосторот во недела, точно на пладне. Ќе застанеме во круг околу целиот простор на кој дрвјата беа колатерална штета на погубни политики и со минута молк ќе им оддадеме почит на паднатите битија кои со децении ни го прочистуваа воздухот што го дишеме, велат од здружението.
„Зелен хуман град“ ги повикуваат граѓаните кои сакаат зелено и хумано Скопје, да се приклучат на собирот, каде ќе се остават цвеќина на местата на исечените дрвја.
-По овој симболичен гест, ќе го преместиме протестот кај дрвјата во близина кои сè уште стојат, но се планирани за сечење. Таму ќе правиме селфија со хаштагот #КогаПилитеЌеСтивнат и ќе ги преплавиме социјалните мрежи со пораки до надлежните дека повеќе не смее да падне ни едно здраво дрво, или дрво кое има шанси да се излечи!, се наведува во повикот.