Една од двете главни рути која ги поврзува северниот и јужниот дел од Скопје – клучката кај Момин поток, ќе добие ново сообраќајно решение.
Ова е една од најфреквентните сообраќајници низ која дневно поминуваат 25.000 возила.
Проектот, според најавата на градоначалникот Петре Шилегов, ќе вклучува два кружни тека, подвозници и надвозници, а ќе чини околу 18 милиони евра.

Според Шилегов ова најсложениот сообраќаен проект што Градот го изработил од 1965 година.
Двата кружни токови треба да го намали сообраќајниот метеж на овој потег. Првиот треба да ја замени крстосницата кај булеварот „8 Септември“ и улицата „Скупи“ и вториот треба да ја замени крстосницата на булеварот „Никола Карев“ и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница.
Вкупната должина на сообраќајницата меѓу двата кружни тека и до пред раскрсницата со булевар „Словенија“ е околу 1.600 метри.
По должина на целата сообраќајница, велат градските власти, ќе биде поставено ЛЕД булеварско осветлување, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот. Проектот предвидува и изградба на два моста на реката Серава која тече под оваа сообраќајница.