Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против десет лица од кои едно е полициски службеник, а едно е дете над 16 години. Сите тие се уапсени во денешната акција на полицијата во скопско Арачиново и во Свети Николе.
Против нив Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави за Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи и Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори.
Во текот на повеќемесечна истрага, според Обвинителството се обезбедени доволен број на докази за инволвираноста на лицата во недозволена трговија со оружје и дрога.
Денеска во раните утрински часови е спроведена полициска акција, при што се извршени претреси во дом и други простории на повеќе локации на подрачјето на Скопје и на една локација на подрачјето на Свети Николе, при што приведени се девет лица меѓу кои и еден полициски службеник, а еден од осомничените веќе се наоѓа во притвор за друго кривично дело.
Двајца од осомничените се организатори на криминалната група на која се приклучиле останатите осомничени кои нелегално продавале оружје, муниција и дрога на заинтересирани лица.
Оваа криминална група е поврзана и со претходен случај во Кичево во ноември лани и уште два други случаи.
За приведените обвинителството бара притвор поради опасност осомничените да избегаат, да се скријат и да ги уништат трагите од кривичното дело и да влијаат врз сведоци.