Не постои деловничка можност. Вака кусо одговори претседателот на Собранието Талат Џафери, на најавите од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека е можно пратеничката група на опозициската партија да се подели на повеќе групи.
Џафери, во официјалната изјава за медиумите денеска не сакаше понатаму да ја коментира оваа најава додека претходно на средбата со новинарите кажа дека тогаш кога СДСМ имала повеќе пратенички групи имало друга клима.
-Беше тоа период што е веќе зад нас. Поминаа четири години вчера, не би требало да се враќаме во тој правец, додаде Џафери.
На почетокот на минатиот собраниски состав ВМРО-ДПМНЕ проба да функционира со 10 пратенички групи, но тој концепт не даде ефекти, меѓу другото, и поради тогашниот опозициски бојкот кон Џафери, со неприсуство на координациите во парламентот. Набрзо по доаѓањето на Мицкоски на чело на ВМРО-ДПМНЕ, пратениците од опозициската коалиција повторно се собраа во една пратеничка група откако функционирањето во 10 табори беше оневозможено и поради приклучувањето или приклонувањето на десетина пратеници кон владејачкиот камп.
Мицкоски вчера најави дека по празниците ќе објави повеќе детали за тоа како ќе дејствува опозицијата во наредниот период.