Две децении од подмолниот напад кај тетовското село Вејце во кој беа убиени осуммина припадници на специјалните единици на МВР се навршуваат денеска. Ова е уште едно потсетување на херојството на бранителите кои ги положија своите животи во одбрана на Македонија. Оружениот напад се случи на 28 април 2001 година, попладнето во 17:45 часот на кривината Црвен камен во месноста Бреза, на средина од планинскиот пат помеѓу селата Селце и Вејце – тетовско.
-Од заседа беа пресретнати, нападнати, убиени и на крај ѕверски масакрирани осум, а ранети тројца припадници на безбедносните сили на Република Македонија. Крвав настан меѓу ретките, со ваква жестокост и злоба, извршен и забележан во вековната борба за слобода и државност на македонскиот народ во Македонија, соопшти група македонски бранители.
Во нападот загинаа Роберт Петковски (27) од Скопје, Бобан Трајковски (28) од Куманово, Игор Костески (26) од Скопје, Миле Јаневски (30) од Македонска Каменица, Марјан Божиновски (27) од Битола, Илче Стојановски (24) од Битола, Кире Костадиновски (24) од Битола и Бошко Најдовски (24) од Битола. Шесттемина преживеани биле во последното возило од колоната. Повредени, успеале да се извлечат и да јават за масакрот.

За овој напад, досега, не е утврдено кои се сторителите ниту, пак, тие се повикани на одговорност. На 19 јули 2011 година со Автентичното толкување на Законот за амнестија сторителите беа амнестирани од страна на Собранието на Македонија. Претходно, меѓу петте оформени Хашки предмети за воени злосторства направени во 2001 година во Македонија, е и досието за водството на ОНА во кое е опфатен и масакрот кај Вејце. Судот во Хаг го процесуираше само случајот Љуботен, а станатите четири – Мавровски работници, Липковска брана, Непроштено и водство на ОНА, Трибуналот ги врати во Македонија, за да се процесуираат и судски завршат во Македонија. Но, со амнестијата и овој случај беше затворен и покрај тоа што меѓународното право и практика не познаваат амнестија на воени злосторства, дека тие не застаруваат и дека врз нив има универзална јурисдикција.
На 28 април 2010 година, 9 години после крвавиот масакр, на местото каде што беа масакрирани припадниците на безбедносните сили била поставена спомен-плоча. Неколку дена подоцна, спомен-плочата била искршена од непознати сторители по што на местото на злосторството се уште нема достоинствено спомен-обележје. Наспроти ова, во битолско Долно Оризари денеска во паркот кој го носи името на загинатиот полицаец Бошко Најдовски беше откриена спомен плоча. Во Битола пак, денеска е положено свежо цвеќе пред споменикот на загинатите бнранители-припадници на полицијата во кругот на СВР Битола и пред споменикот на „Ангел“ кај Саат кулата во Битола.