Во поликлиниката во населбата Шуто Оризари ќе почне со работа гинеколошката ординација за околу 20 илјади пациентки. На гинекологот што се согласил тука да регистрира приватна здравствена установа ќе му помага медицинска сестра од населбата. Министерот Венко Филипче изјави дека во изминатите неколку месеци успеале да ја опремат ординацијата со најсовремени апарати и специјалистичка опрема.
Во наредните 10-14 дена се очекува да почнат со работа и општи матични лекари за жителите на Шуто Оризари. Тоа е уште една поликлиника, која веќе го зеде под закуп просторот за матични лекари.
Проблемот со матичните лекари во оваа населба е одамна и според проценки на невладиниот сектор повеќе од 5 000 жители на Шуто Оризари се принудени да одат во други општини и да молат некој доктор да ги прими. Почнувајќи од 2015 па сѐ до 2020 година, Министерството за здравство има распишано шест огласи за издавање ординации по општа медицина за матични лекар, но на ниту еден оглас не беше пријавен лекар за работа.