Кај нас нема некое силно антивакцинално движење, туку само некои објави на социјалните мрежи и написи во некои медиуми. Бројот на оние кои досега не се појавиле на вакциналните пунктови, од почетокот на вакцинацијата минатата недела, е околу 20 отсто.
Вчера, од 2.800 пријавени за вакцинација, 2.500 се појавиле на пунктовите. За тоа дали имало случаи меѓу здравствените работници некој да одбие вакцинација, министерот за здравство Венко Филипче вели дека досега се вакцинирани над 90 отсто од здравствените работици во ковид-центрите.
Досега се вакцинирани околу 13.000 граѓани заклучно со вчера, а од Србија се очекуваат списоците на оние наши граѓани кои таму ја примиле вакцината.
Од досега вакцинираните кај нас, има само една реакција и тоа кај 28-годишната девојка која имаше венска тромбози на окото, и која од денеска ќе замине на домашно лекување. Вчера имало и две колабирања, кои не биле поврзани со вакцината туку со панични или други напади.