Педесет проценти од граѓаните во Македонија изјавиле дека би се вакцинирале, 34 отсто одговориле дека не би се вакцинирале, додека 16 проценти, сè уште се двоумат, покажа анкетата која ја објави Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС).
Најголем дел од граѓаните (39 проценти) ја преферираат вакцината на „Фајзер“, додека втора по ред е вакцината „Спутник В“ (21 отсто).
Мал процент би се вакцинирале со вакцините на „Синофарм“, за кои се одлучиле 6 отсто од граѓаните, потоа е „Модерна“ со 5 проценти, додека најмалку ја сакаат онаа на „Астра Зенека“, која ја претпочитаат само 3 отсто од граѓаните.
27 проценти од граѓаните, пак, не знаат или немаат одговор за тоа за која вакцина би се одлучиле.
Мнозинството од граѓаните (53 проценти) смета дека власта не прави доволно за да ја адресира состојбата со здравството, економијата и образованието.
Прашањата се дел од теренската анкета за перцепциите на граѓаните за работата на Собранието, која Институтот за демократија „Социетас цивилис“ ја спроведе во периодот од 17 февруари до 10 март годинава на примерок од 1.010 испитаници, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), финансирана од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка.