Европската агенција за лекови (ЕМА) следниот месец ќе испрати експерти во Русија за да ги проверат клиничките испитувања и производството на вакцината против коронавирус „Спутник В“.
Агенцијата ќе ги анализира сите собрани податоци за да се овозможи побрза употреба на вакцината. Инспекцијата во Русија во април ќе ги опфати и производствените и клиничките испитувања.
Европската агенција за лекови започна со тестирање на вакцината на 4 март, а познавачите на процесот тврдат дека таа може конечно да биде одобрена во мај.
Германската канцеларка Ангела Меркел најави дека нејзината земја ќе ја нарача руска вакцина против ковид-19 „Спутник В“ доколку е овластена за употреба во Европската Унија.
Веднаш потоа и италијанскиот премиер Марио Драги не ја исклучи можноста неговата влада да почне процедура за набавка на руската вакцина против ковид-19 ако во меѓувреме за тоа не се постигне координирано решение меѓу земјите членки на ЕУ и нема одобрение од Европската агенција за лекови.