Најдобриот македонски фудбалер ја доби наградата спортист на годината во Македонија на синоќешната церемонија организирана од Агенцијата за млади и спорт. Немаше дилема дека капитенот на македонската фудбалска репрезентација треба да ја добие наградата особено оваа година кога македонската репрезентација се пласира на Европското првенство.
Незаборавен е неговиот гол во Грузија со кој се оствари сонот – Македонија да има своја репрезентација на Европското првенство.
-Жалам затоа што не сум во Македонија, па морам преку видео врска да се заблагодарам за наградата. Голема благодарност до Агенцијата за млади и спорт, но за оваа награда се заслужни сите во македонската репрезентација, од селекторот, па преку соиграчите, физиотерапевтите и економите зашто создадовме семејство. Ова за мене е поттик да продолжам понатаму, истакна Пандев на церемонијата.
Инаку, Горан Пандев во својата навистина успешна фудбалска кариера има освоено многу трофеи меѓу кои е и освојувањето на Лигата на шампионите со Интер.
Покрај Пандев, и македонската фудбалска репрезентација е прогласена за најдобар национален тим за 2020 година, а тренерот Игор Ангеловски за најуспешен селектор.