Антикорупциска комисија денеска отвори три предмети за акумулација на функции против службени лица, кои произлегуваат од изјавите за судир на интереси за 2020 година.
Предметите се отвораат за еден член на Совет на општина, кој истовремено е член и на Управен одбор на детска градинка, еден пратеник во Собранието кој истовремено е член и на Надзорен одбор во Центарот за управување со кризи и за в.д. директор на средно општинско училиште, кој истовремено управува како сопственик со трговско друштво.
ДКСК отвори и постапки и против пратеник во Собранието, кој го променил управителството во неговата фирма, меѓутоа за управител поставил негово блиско лице, министер во Владата кој, исто така го променил управителствово во неговата фирма и за управител поставил негово блиско лице и уште еден пратеник кој го направил истото.
На денешната 46-та седница ДКСК го усвои Стратешки план за периодот 2021-2023 година, во кој меѓу набавка на нови софтверски решенија има и предвидено средства за нови вработувања.
За нов заменик претседател на ДКСК, на денешната седница беше избран Шемси Салаи. Изборот на заменик-претседател на ДКСК, според деловникот се менува на шест месеци по азбучен ред.