Борбата против корупцијата од страна на Владата не престанува. Напротив, од таму велат дека е темелна и засилена.
-Многу е различно сега со овој кодекс од 2017 година наваму, кога ниту министрите во најголем дел не користат службени картички и им се брои секоја чаша вода. Нема такви функционери кои сега се лукзузираат и трошат на таков начин, изјави денеска Љупчо Николовски, вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот.
Тој одговорајќи на новинарски прашања при денешната посета на сепарацијата за песок и чакал во Долно Коњаре рече дека борбата против криминалот и корупцијата, како и стеснување на просторот и можностите за трошење на фунционерите и натаму се врв на агендата на Владата.
-Ако може да се откажеме од привилегиите, да правиме се да се намалат дискрециските права навистина мислам дека тоа треба да се почитува и бараме поддршка тоа да се направи не само за министрите и замениците, туку за секој еден избран функционер од Владата, за секој раководител на институција формирана од Владата или препораките за општините, потенцира вицепремиерот.
Николовбски најави дека неговиот кабинет во владина постапка предлага уредби за дефинирање и ограничување на тоа што е репрезентација, колку може министер или заменик министер или директор да потрошат. Дополнително, додаде Николовски, ќе бидат разрешени сите кај кои ќе бидат констатирани неправилности во работењето, исто како што тоа било случај и досега.
Коментирајќи го неодмана историски најниско рангирање на Македонија на 111 место од страна на Транспаренси Интернешенл во однос на корупцијата, Николовски изјави дека тоа „не значи дека корупцијата пораснала, туку резултатите се перцепција на граѓаните“.