Декларацијата на бугарското собрание и меморандумот до ЕУ излегоа надвор од рамките на договорот. Тука немавме маневарски простор, зашто барањата се однесуваа на прашања за кои не се преговара, изјави македонскиот претседателот Стево Пендаровски во интервју за Дојче Веле.
Според него, шансите да се дојде до решение се минимални, иако постојат.
-Тоа е така, вели Пендаровски, затоа што станува збор за обид идентитетските прашања да се стават на преговарачка маса, а за тоа никој никаде во светот ниту преговарал, ниту ќе преговара, потенцира шефот на државата.
Тој нагласи и тоа дека македонската страна немаше никаков маневарски простор за одговор.
-Декларацијата на бугарското собрание и нивниот објаснувачки меморандум до ЕУ несомнено излегоа надвор од рамките на билатералниот договор. Тука ние немавме практично никаков маневарски простор за било каков одговор, затоа што барањата на Бугарија се однесуваа на прашања за кои не се преговара, оценува Пендаровски.
Шефот на државата откри дека од бугарска страна бил одбиен и предлогот за вклучување на стручни констултанти од трета држава во комисијата на историчари. Тој смета дека ваквата стручна помош од трета, непристрасна страна не би можела да му наштети на процесот. За него воопшто не било изненадување промената на бугарската позиција што почнала да се случува изминатата година поради што одржал низа состаноци со нашиот дел од комисијата на историчари и со професори и дипломати, познавачи на билатералните односи со Софија.
– Јас излегов со изјава која содржеше општа рамка за можен компромис во однос на тогаш актуелното прашање за Гоце Делчев. Реакциите во македонската јавност беа во рамки на моите очекувања, меѓутоа ме изненадија реакциите од бугарска страна. Имено, тоа не беше препознаено како обид за компромис во кој и двете страни треба да направат напор и да напуштат некои од свои комунистички историски аксиоми кои се еднодимензионални. Наместо тоа, во Софија беа уверени дека е дојдено времето кога македонската страна треба, во целост, да се усогласи со нивниот историски наратив, посочува Пендаровски.