Денес Зоран Заев уште еднаш ја покажа својата патолошка омраза кон мене нечесно давајки лажна и би рекол гнасна изјава со држење политички говор во судот дека јас сум бил организатор на настаните од 27 април 2020 година, реагира денеска Никола Груевски, поранешен премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Во објавата на Фејсбук Груевски реагира на денешното сведочење на Заев за настаните пред три години при што рече дека „обвинетите Трајко Вељановски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски не се виновни и дека биле изманипулирани од Груевски“.
-Заев денес уште еднаш јавно покажа дека е промотор на овој длабок и интензивен политички прогон врз мене каков што одамна не се случил во македонската историја. Токму тој, понекогаш во соработка со други негови соработници, лично го осмислува и го нарачува прогонот против мене, често и кон мои блиски соработници со цел да ги притисне и уцени да бидат сведоци во неговиот нечовечки нагон да ми направи најголеми можни штети, понижувања, апсења, судења, пресуди, затвори и секаков друг вид малтретирања, наведе поранешниот премиер.
Тој додаде дека Заев имал повеќе причини за тоа, а едно од тие сигурно е што Груевски е антипод на неговите политики на промена на уставното име, идентитет и историја на македонскиот народ, но и антипод на неговите безидејни економски политики и редица други политики и резултати.
-Зоран Заев знае дека јас не сум организатор на насилно влегување во парламентот и физички пресметки во него. Знае и свесен е дека нема никаков доказ за тоа, затоа што тоа е невистина. Тој знае дека ниту обвинетите на чие судење беше денес повикан како сведок, на кои исто така по негова нарачка им судат, не нарачале насилство од било каков вид, независно дали е насилен влез во собранието или употреба на физичка сила кон пратеници, ниту организирале тероризам. Тие се обвинети како и многу други, со цел да бидат исплашени, да паднат со духот, да бидат уценети и скршени и да прифатат да бидат негови соработници во гнасното сценарио за неправеден прогон кон мене, кое откако не му помина се обидува да го поправи впечатокот за неговите валкани игри во нивните очи. Тие се невини. Тие не се ниту организатори, ниту изманипулирани ниту можеле да организираат терористички акт кој не се случил. Како што и оние кои се во затвор, а кои се осудени со лажна и невистинита квалификација за тероризам, потенцира Никола Груевски
Поранешниот премиер кој сега престојува во Будимпешта во објавата наведе и тоа дека Заев на почетокот на новиот мандат е “влезен е во филм” дека ќе е вечно со ваква моќ како сега, дека е семоќен, дека може се што ќе науми да направи и секого што ќе посака да уапси, уништи, извалка или елиминира.
-Проблемите кои актуелно ги има заради силната и оправдано негативната реакција на македoнскиот народ кон него по однос на неговите политички ставови поврзани со барањата на дел од соседите, го прават понервозен, по гневен, по раздразнет и по зол и очигледно тоа секогаш го потсеќа на мене и моите политики во истиот дел, па посегнува по нови активности и атаци против мене, напиша тој.