И во другите земји во светот и во регионот има огромен пораст на смртноста од корона вирусот. Најмногу страдаат оние со хронични заболувања, а болеста е непредвидлива, изјави денеска Венко Филипче, министер за здравство на прес-конференцијата. Според него, заради сето тоа обидите на лекарите да им се спасат животи на тие луѓе остануваат без успех.
-Имаме работа со непредвидлива и тешка болест. Треба да се објасни како тоа кај некои инфицирани лица таа поминува без последици, а некои пак губат животи, одговори Филипче на новинарско прашање за големата смртност на пациенти во Македонија.
Тој, меѓутоа, не одговори директно на прашањето околу непотребното препишување на антибиотиците од страна на матичните лекари и околу тоа дали имаат пропишан протокол за лекување.
-Во областа на препишување на лековите не се препишуваат лековите кои не се докажани. Инаку, не постои во светот определен алгоритам кој се применува за лекување на заболените. Во нашите болници се споделуваат инфорамциите и постапките за лекување. Терапијата се определува според клиничката слика на пациентите и зависно од неа се менува терапијата. Околу тоа се договоривме уште на почетокот на кризата, рече Филипче.
Тој додаде дека во сегашна состојба нема потреба за воведување на полициски час или некои други нови превентивни мерки.
-Полициски час по 21 часот не би дал резултати. И сега по тој период е намалено движење, затворени се угостителски објекти. Преносливоста на вирусот опадна на 1 и нема потреба за нови мерки бидејќи сегашните даваат резултати, рече тој.