Во услови кога вакцинирањето против ковид е бесплатно, а одредени работници сепак не ја користат оваа поволност, донесувањето евентуална одлука од страна на Владата со која работодавачите би ги покривале трошоците за ПЦР тестовите за работниците кои не сакаат да се вакцинираат би била целосно нелогична, неоправдана и неприфатлива, смета Организацијата на работодавачите на Македонија (ОРМ).
Неприфатлив е и предлогот за платени два слободни дена за вакцинација на работниците, бидејќи со ова би се довеле во нерамноправна состојба оние работници кои веќе се вакцинирани, а за кои претходно не важела оваа поволност.
ОРМ предлага Владата да преземе други мерки со кои би се стимулирала имунизацијата на населението, а не целокупниот товар да се префрла на компаниите.
-За да го поттикне вакцинирањето Владата би можела на пример да воведе различен износ за боледување за вакцинирани и невакцинирани работници, во случај тие да се разболат од ковид, а најголемиот дел од компаниите и досега практикуваа мерки со кои го стимулираа вакцинирањето како: исплата на еднократна парична награда за вакцинираните работници, слободен ден за секој вакциниран, бесплатен превоз за вакцинација во Србија, на вакцинираните не им се одбива награда или бонус за отсуство во случај да заболат, како и други стимулативни мерки.