Сопруг на една од патничките во автобусот што изгоре во Бугарија, вели дека се уште нема никакви информации ниту од Министерството за надворешни работи, ниту од Амбасадата дали неговата сопруга е жива.
Тој е еден од оние кои од рано утрово е пред седиштето на агенцијата кај Мавровка, кое е затворено, а на телефоните никој не одгоовара.
Човекот кој се обидува да дознае што се случило со неговата сопруга вели дека го видел списокот со имињата на патниците во автобусот, што го објавија некои медиуми меѓутоа како што рече, не знае кои се живи, а кои не.
Од изјавата на обвинителката Вилма Русковска за бугарските медиуми се дознава дека сопственикот на компанијата „Беса транс“ е на самото место на трагедијата.
Роднини на патниците кои биле во автобусот веќе се во Бугарија, каде од самата болница „Пирогов“ се информираат за судбината на своите најблиски. Во изјјавите што ги емитуваат бугарските медиуми, еден наш државјанин вели дека имал седуммина роднини на ова патување и досега успеал да исконтактира со четворица, додека за другите чека информација од болницата.
Она што ја комплицира ситуацијата, според изјавите на бугарските претставници е што на ова патување имало четири автобуси на истата фирма, и можно е некои од патниците при застанувањата да се префрлале во автобусите. Поради тоа тешко е да се одреди кои се патниците што загинале во изгорениот автобус – дали е според списокот или се некои други од другите автобуси.