Владата на денешната седница донесе одлука за прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор во траење од 30 дена на барање на Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија, формирана од Министерството за економија.
Со прогласувањето на енергетска кризна состојба, единствена мерка која произлегува од оваа одлука е да се вбризгаат финансиски средства во енергетските компании со цел да се стабилизира состојбата на пазарот на електрична енергија, односно не се предвидени рестриктивни мерки, рече министерот за економија, Крешник Бектеши, по владиата седница.
Исто така рече дека засега не гледа конкретна одговорност за енергетската криза во директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, ниту кај директорот на РЕК Битола.
Тој напомена дека Владата го задолжила Управниот Одбор на ЕСМ да испита какви мерки се преземени од страна на ЕСМ за решавање на енергетската криза и дали се работело според плановите, а за одговорност рече дека би се барала откако тој извештај ќе биде доставен до Владата.
-Мое лично мислење е дека има одговорност. Но најпрво да се справиме со енергетската криза, а потоа ќе реагираме за личната одговорност, изјави Бектеши.
Кризна состојба е прогласена врз основа на процената на Комисијата дека постои ризик од настанување на кризна состојба поради недостиг на електрична енергија и состојбата на пазарот на електрична енергија, врз основа на извештајот изготвен од МЕПСО, за проценката на стабилноста на македонскиот електроенергетски систем за последниот квартал на оваа година.