Премиерот Зоран Заев денеска не се појави на рочиштето кое е по негова тужба за клевета на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.
Тужбата е за изјава во која Николоски вели дека Заев е на врвот на пирамидата што изрекетирала над 20 милиони евра. Како отштета премиерот бара 60.000 денари.
Николоски денеска рече дека е апсолутно убеден дека Зоран Заев не може да го добие овој спор, а најдобар доказ за тоа е што повторно не се појави на рочиштето.
-Да ја потсетам јавноста дека тој ме тужи мене, а не го тужам јас него. И тој не се појавува на рочиштата на кои што ме тужи мене, изјави денеска Николоски.
Тој од самиот почеток вели дека нема намера да се извини и дека ќе оди до крај.
-А, вистината е јасна и едноставна, тоа е дека во Македонија имаше рекет, дека предмет на рекет беа повеќе од еден бизнисмен, дека беа изрекетирани многу средства, дека имаше јасна пирамида и јасно е кој беше на врвот на таа пирамида, повторни денеска Николоски кој рече дека очекува пресуда во негова корист.