За нашиот автомобилски ас Игор – Иџе Стефановски состојбите во државата ќе почнат да се менуваат на подобро тогаш кога ќе се обезбеди владеење на правото за сите граѓани…
Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?
– Ова е емотивно прашање. Македонија е место каде што сум роден јас и моите претци. Таа ни е татковина и нејзиното име ми е светост. Поради тоа првата помисла ми е секогаш желбата како јас лично, така и сите други, да се трудиме да бидеме максимално успешни и насекаде да ја претставуваме државата како што доликува. Јас токму тоа го чувствувам како посебна должност, секогаш да го дадам најдоброто од себе бидејќи таа земја ни ги дала можностите. А дали ќе ги искористиме останува на секој посебно.
Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?
– Јасно е дека треба да се исполнуваат и да се плаќаат обврски кон државата какви што се даноците. Но, кај нас е факт дека не сите граѓани ги исполнуваат тие обврски, дел плаќаат а дел не. А преку тие средства државата треба да расте, да се прават објекти за потребите на граѓаните. Но, од друга страна, сведоци сме дека собраните пари не се трошат адекватно. Се се врти во еден круг на бизнисмени. Практично, буџетските пари се трошат недомаќински.
Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?
– Секогаш и на секој настап се трудам да го дадам својот максимум. И секогаш сум имал став дека сакам да останам во својата татковина. Сум имал понуди од други држави за настапи под нивни знамиња. Имало понуди од Хрватска, од Италија, Словенија… но сум ги одбил оти сум сакал да јас претставувам само Македонија. Дали сум направил грешка не знам, но горд сум кога знам дека давам се од себе за Македонија.
Со што најмногу се гордеете во нашата земја?
– Се гордеам и тоа најмногу, со луѓето кои живеат во нашата земја. Ние сме еден питом, гостипримлив народ кој низ историјата никогаш и никому не му направил ништо лошо. Сум поминал по многу европски и други земји и можам слободно да кажам дека ние сме посебни луѓе, посебен народ, како и другите на Балканот. Токму со тоа се горедам, со таа убавина на нашиот народ.
Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?
-Ми недостасува правдата и законите кои ќе важат за сите. Ако ова прашање се среди се ќе си оди како што треба. Но, тука сите мораме да го смениме односот. Да не вртиме телефони за да „фатиме врска“ за да ни се поништи казната за направениот прекршок. Кога сите ќе се држиме до правилата и оној што ќе згреши ќе сноси одговорност ќе биде добро. Од тоа почнува граѓанската култура.
Во каква Македонија сакате да живеете?
– Пред се, сакам да живеам во Македонија во која законите ќе важат за сите граѓани. А тоа сега не е случај и тоа почнувајќи од обичните, секојдневните, работи па се до спортот. Се е политички и партиски определно и тие добиваат повеќе кога не власт се „нивните“. А сите ние треба заедно да живееме.
Многу ми пречи промената на името на државата
Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?
– Од мој аспект гледано, како граѓанин и како индивидуа, имало повеќе грешки во тој период. Слободно би кажал дека имало многу фатални грешки. Нивните последици сега ги носиме ние како жители, но уште потешка тежина ќе остане и на следни, други, генерации. Ретко кој го направил менаџирањето со државата како што треба. Тоа е обврска на политичарите, Но, секогаш треба и да се слушне гласот на народот. Мене, лично, многу ми пречи промената на името на државата. Мислам дека е грешка што тоа го прифативме, а за возврат не го добивме она што беше ветено. Мораше првин да се исполнат тие ветени работи, а дури потоа да се прифати промената на името на државата. Вака, лошо е изменаџирано, лош пазар е направен. Не добивме ништо иако беше ветена солуција за подобар живот. Од друга страна, пак, не ги знаеме какви условувања ни биле поставени.