Со Драган Тодоровски, активист и еден од администраторите на Фејсбук групата „Украдени точаци“ зборуваме за кражбите на велосипедите кои што се повеќе се случуваат низ Македонија…
Во рамките на ФБ-групата „Украдени точаци“ но и на други места се почести се информациите за украдените велосипеди. Што се случува, што укажуваат граѓаните?
– Па, реално, како што е по групата, како што таму често се пријавуваат кражбите на велосипедите така е и во реалноста. При ова, речиси и да нема разлика во однос на градовите во кои што се краде. Како што се повеќе се краде во Скопје, така се краде и во другите градови во земјава. Факт е дека кај нас почнаа да се возат поквалитетни велосипеди и тоа е причина и мотив да бидат украдени. Кражбите се случуваат секаде каде што е можно – на јавни простори, по ходници на станбени згради, подруми, тераси, заеднички простории… Секаде каде што велосипедите им се на дофат на „алатот“ на крадците.
Кој стои зад овие кражби според искуствата што го имаат граѓаните? Дали се тоа поединци-крадци, зависници на кои им се потребни брзи пари, или се работи за цел организиран синџир на кражби со цел на препродажби и слично?
– Се краде многу повеќе отколку порано. Јасно, со оглед на тоа дека во Скопје има најголем број на население, има и најголем број на велосипеди па, логично, има и најголем број на кражби. Но, кражбите веќе не се само од страна на „скопски“ крадци. Сега имаме ситуација во која тука се дојдени или доаѓаат од време на време и крадци на велосипеди. Доаѓаат крадци од други градови да крадат во Скопје и потоа ги продаваат ефтино во своите градови. Конкретно знам дека има крадци кои доаѓаат од Велес за да крадат тука и да ги препродаваат велосипедите во нивниот град. Имаше и канал да се носат велосипеди на Косово за препродажба. За единствен организиран синџир на кражби не сум слушнал, но сепак тоа се луѓе кои се добро познати на полицијата.
Во сето ова, граѓаните се жалат дека полицијата е неефикасна кога се работи за откривањето на сторителите? Не се откриваат дури ни кога се најдиректно снимени со камерите по влезовите на зградите и кога јасно се гледа кој го краде велосипедот…
-Има неколку, да кажам, административни проблеми поради кои полицијата е неефикасна. Проблем е што полицијата не покренува истрага ако вредноста штетата е помала од две просечни плати во земјава. А голем број на сопствениците немаат поскапи велосипеди од таа сума, туку ги набавауваат и на половно и слично па вредноста им е помала. Потоа, проблемите произлегуваат и тогаш кога некој сопственик на кој му е украден велисипед оди да ја пријави кражбата во полициската станица. Тогаш, полицијата му бара да докаже дека велосипедот е негов. Се бара сопственикот да ја приложи фискалната сметка од купениот велосипед заедно со гаранцијата на која е впишан сероскиот број. А 90 проценти од сопствениците ги загубиле гаранциите кои истекле исто како и фискалните сметки кои најчесто ги даваат за да добијат пари за субвенции. И сега сопствениците мора да вадат нови фискални сметки, а за тоа треба да го знаат точниот датум кога им е купен точакот, што, пак, малку кој знае… И така не можете а докажете дека велосипедот е ваш!? Со тоа полицијата само го евидентира случајот и евентуално ќе ве побараат на некое препознавање ако запленат повеќе точаци. Мој совет до сопствениците е ако веќе не можат да ги сочуват фискалните сметки и гаранциите, тогаш барем да ги сликаат со мобилен телефон. Има и други проблеми: ако велосипедот ви е украден од ходникот на зградата или на некој отворен простор тогаш тоа се води како прекршок, а ако ви е украден од станот или од подрумот тогаш се води како кривично дело!? Од друга страна, снимките од камерите по влезовите на кои се гледа како некој го зема велосипедот не можеле да бидат користени како докази. Значи, факт е дека има големи административни проблеми за да се вршат истраги и полицијата да биде поефикасна и тие никако да се надминат.
Како да се чува и сочува точакот во градот? Каде прават грешки граѓаните?
– Стопостотната заштита на велосипед не постои. Велосипедите се краделе и ќе се крадат. Нам, како на сопствениците ни останува да ја прифатиме реалноста и на крадците барем делумно да им ја отежниме намерата да ни ги украдат велосипедите. Значи, првенствено треба да се води сметка за тоа каде се остава велосипед подолго време без надзор. Првенствено треба да се одбегнува заклучување велосипеди во заедничките простории по зградите, по ходниците и подрумите. Треба и да се одбегнува оставање велосипед на тераса на првите два спрата од зградите. Секогаш треба да се одбере систем на заклучување (сајла) од некој познат бренд кои ги има по велосипедските дуќани. Но, бидејќи нивната цена е повисока може и да се земе сајла или подебел сиунџир од некој кинески производител. Сепак, и тој да ви служи само за привремено оставање на велосипедот, не повеќе од десетина минути пред дуќан или некој друг објект. Дури и кога седнувате на кафе врзете го вашиот велосипед. Едноставно, ако сакате да го сочувате својот велосипед морате постојано да водите сметка за него.