Од одговорност не бегам, но ќе чекам резултати од истрагата, а после истрагата ќе донесам одлука дали ќе поднесам оставка, изјави попладнево министерот за здравство Венко Филипче.
-Ова е тажен ден за нашата земја и голема трагедија која сите не потресе. Сите капацитети на Министерството се ставени во функција да се утрвдат причините за оваа трагедија. Се уште трае истрагата и да имаме трпение за официјалните наоди, рече тој.
Во истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово ќе се вклучат и странски експерти. Целта е да се обезбеди независна и темелна истрага.
Истрагата ќе биде и на тоа дали болницата по приемот соодветно се одржувала, рече Филипче, кој на прес-конференцијата донесе обемна документација која како што рече, ги содржи сите податоци за квалитетот на градбата.
Тој информира дека вчера во трагичниот настан животот го загубиле 14 лица, на возраст од 29 до 79 години. Кај нив е направена обдукција, а ќе се направи и ДНК анализа бидејќи има некои сознанија дека меѓу починатите можеби има и лица кои биле придружба на болните.
Во модуларната болница имало 26 пациенти, 2 лекари и 4 медицински сестри. 12 пациенти се сместени во тетовската болница кои се во стабилна состојба и немаат последици од пожарот.