Привремениот шеф на нашата амбасада во Софија, Владимир Крстевски денеска беше повикан во Министерството за надворешни работи на Бугарија, каде му е врачена протестна нота поради отстранување на бугарското знаме во Битола.
Инцидентот се случи на 28 август 2021 година кога е отстрането знамето на Бугарија, сместено до канцеларијата на Службата за трговија и економски прашања при Генералниот конзулат на земјата во Битола.
Бугарија изразила длабока огорченост поради инцидентот, како и дека секое изразување омраза против друга земја или нејзините граѓани, е во спротивност со основните вредности на модерните демократски општества и го попречува воспоставувањето на добрососедски односи.
Во официјалното соопштение по состанокот, бугарското Министерство за надворешни работи ја прифати јавната реакција на нашето МНР, во која остро беше осуден вандалскиот чин и беше ветена истрага и изведување на сторителите пред лицето на правдата.
За време на состанокот, бугарските власти ја изразија својата загриженост за честите случаи на напади и агресија предизвикани од омраза кон Бугарија, вклучително и против државјани на Македонија со бугарско потекло.