Во државата има вкупно хоспитализирани околу 1.000 пациенти. Најоптоварени и понатаму се болниците во Тетово, Гостивар, делумно во Кичево, Струга и Охрид, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Во однос на возрасната група на пациентите, најзастапени се оние над 60 години, а најмал процент е на малите деца.
Има и дваесетина деца хоспитализирани во болницата во Козле и тие, според Филипче, имаат релативно лесна форма на болеста. Задржани се на болничко лекување, пред сè за поголемо внимание.
Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години. Од нив, над 73 проценти имаат хронични заболувања.
– Бројот на починати лица кои се вакцинирани е навистина многу мал што ја докажува ефикасноста на вакцината, а тоа е дека таа 20 пати го намалува ризикот од смрт. Голем дел од починатите пациенти имаат придружни болести, како карцином, нерегулиран дијабетес, срцеви заболувања, биле подложени на повеќе хируршки интервенции, потенцира Филипче.
Тој рече дека бројот на нови случаи денеска е околу 800.