Во земјава има шест активни пожари – кај село Раовиќ, Општина Сарај, се забележува мало чадење на сртот од планината кон Матка, а чадење со помал интензитет се гледа кај Осој, на линијата меѓу селата Буковиќ кон Чајлане. Интервенираат десетина лица од ловиште „Јасен“, соопшти денеска Надица Вчкова од Центарот за управување со кризи (ЦУК) на редовната попладневна прес-конференција за состојбата со пожарите до 17 часот.
Активен е и пожарот во атарот на селата Ракле, Никодин и Топлица во општина Прилеп, каде се работи за непристапен терен, но е со многу слаб интензитет и сега за сега нема опасност од проширување. Таму интервенираат вработени од Шумско стопанство од Прилеп.
На патот Ново Село-Мокриево има нов пожар, каде се опожарени овоштарници и сува трева.
Се уште е активен пожарот кај село Нивичино, Струмичко. Гори нискостеблеста дабова, букова и габерова шума. Пожарот го гаснат екипи од Територијалната противпожарна единица од Струмица и од Шумско стопанство Беласица.
Овој пожар кој започна на територија на општина Струмица се пренесе на територија на општина Берово, во месноста Готен. Во моментов е со слаб интензитет, на непристапен висок терен. Гори деградирана шума, сува трева и деградирани шумски растенија и засега не постои можност за проширување на пожарот.
Пожар има и на дива депонија во општина Центар Жупа, меѓу селата Бајрамовци и Црно Боци.
Под контрола е пожарот во атарот на село Држилово, општина Сопиште. Екипи од ШС Караџица и месно население или 30-тина лица се на терен и го гаснат пожарот.
Од ЦУК апелираат граѓаните ако забележат чад или оган, веднаш да пријават во најблиската надлежна институција или на бесплатниот телефонски број за итни повици на ЦУК- 195. Апелираат овој број да не се злоуппотребува за лажни повици.