Со 2.400 денари колку што студентите ќе добиваат од октомври за субвенциониран оброк ќе може да купуваат каде сакаат, за разлика од првичното законско решение дека ќе може да се користат само во угостителски објекти.
Оваа новина е предвидена поради пандемијата и евентуалните рестриктивни мерки на есен.
-Сега мерките се релаксирани и угостителските објекти работат, но не знаме што ќе се случува во наредните месеци кога можеби ќе имаме нови рестриктивни мерки, а токму тогаш студентите ќе ги добиваат средствата. Затоа со законските измени овозможуваме ова право да се оствари независно од пандемијата и оброците да се обезбедуваат и од продавници, велат од МОН.
Со предлог закон е направена измена – средствата да се користат и во продавници, а препораката е да бидат наменети за набавка на храна. Сепак, парите студентите ќе ги добиваат на трансакциска сметка, со што не се ограничени за што ќе ги користат.
Според пресметките на МОН, финасиска поддршка се предвидува за околу 40.000 студенти кои ќе го користат ова право, за што, на годишно ниво се обезбедени околу 15 милиони евра.