Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христиијан Мицкоски најави дека од утре излегуваат на предупредувачки протести во Скопје и во 10 други градови низ земјава со едно единствено барање: Владата јавно да го објави таканаречениот „патоказ“ за преговорите со Бугарија, за кој Мицкоски на денешниот брифинг со одредени редакции рекол дека вклучуват преговори за идентитетот и јазикот.
Протестите кои почнуваат од утре ќе бидат од 15 до 17 часот на три локации во Скопје, пред Собранието, пред ТЦ „Мавровка“ и пред зградата на поранешна „Нова Македонија“.
Повикувајќи се на сериозни дипломатски извори, Мицкоски тврди дека премиерот Зоран Заев и преговарачот Владимир Бучковски преговара со техничката бугарска влада за делови од декларацијата, која беше усвоена во бугарскиот парламент во 2019 година.
Според полошата варијанта, можно е прифаќање на дел од бугарската декларацијата и директно да се преговараат за идентитетот, јазикот и за културата, или сите барања да бидат прифатени усно со изговор дека Бугарија има техничка влада и дека преговорите за спорот ќе продолжат откако ќе се формира новата влада. Според Мицкоски, со тоа, проблемот со Бугарија нема да остане само меѓу Македонија и Бугарија, туку ќе прерасне во проблем меѓу земјава и ЕУ.
За да не остане вака на ниво на непотврдени информации, ВМРО-ДПМНЕ бара тој документ да се даде на увид на јавноста. Затоа се овие предупредувачки блокади, кои ако не дадат резултат опозициската партија ќе преземе и други активности, како институционални блокади.
-Ова можеме да го спречиме само на еден начин, а тоа е јавноста со својата критика, а истовремено и народ на улиците, рече Мицкоски на прес-конференцијата по брифингот.