Ниедно службено лице не е одговорно за бегството на Сашо Мијалков, утврди Обвинителството.
Во денешното соопштение се објаснува предистражната постапка која беше спроведена откако кон крајот на февруари, поранешниот директор на УБК три дена беше недостапен да му биде врачено решение за домашен притвор во пресрет на пресудата за случајот „Таргет – Тврдина“.
По три дена тој сам се пријави во Обвинителството за гонење организиран криминал, при што рече дека бил во самоизолација поради симптоми на ковид и е знаел дека го бараат.
Во предстрагата, Обвинителството обезбедило снимки од безбедносните камери од повеќе локации, листинзи за телефонски комуникации за вкупно 54 телефонски броеви од интерес, сослушани биле вкупно 37 лица, меѓу кои и министрите за правда и внатрешни работи, директорите на АНБ и БЈБ, премиерот, државниот јавен обвинител, основната јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и претседателот на Основниот кривичниот суд Скопје, извршени се и полициски разговори со дополнителни 20 лица.
Исто така, обезбедени биле и докази и податоци од различни правни лица, извршена е анализа на вкупно 18 одземени телефони и на одземени уреди за видеонадзор, две вештачења и се обезбедени службени материјали за постапувањето на сите инволвирани органи.
-Главното прашање на кое беше фокусирана предистражната постапка беше – каде бил обвинетиот во периодот кога бил недостапен на органите на прогонот и дали во овој период имал помош од одредени лица за истиот да остане сокриен, појаснуваат од Обвинителството.
Од прибраните докази Обвинителството констатирало дека обвинетиот бил во својот дом се до доаѓањето на полициските службеници.
Јавниот обвинител утврдил и дека поставеноста на теренот на улицата каде се наоѓа домот на обвинетиот, овозможувала тој незабележано да излезе од својот дом.
Предистражната постапка се осврнала и на околноста дали на Мијалков му била соопштена информација дека за него е поднесено барање за мерка притвор, пред полициските службеници да направат обид за достава на решението за куќен притвор.
Од анализата на овие листинзи не се утврдени сомнителни комуникации реализирани помеѓу лицата кои биле предмет на проверки и лица кои се блиски со обвинетиот или лица кои би можеле да ја спроведат информацијата до обвинетиот, велат од Обвинителството од каде додаваат дека врз основа на повеќе параметри јавниот обвинител констатирал дека во конкретниот случај веројатноста дека на Мијалков му е соопштена информацијата дека против него се бара мерка притвор е многу мала.
Слабости се утврдени во меѓуинституционалната и интерната комуникација на надлежните институции, но во оваа насока, но тоа според јавниот обвинител нема кривично-правна импликација бидејќи недостасува кривично-правна последица.
-Имено, иако обвинетиот бил недостапен на органите за прогон, сепак самиот доброволно се пријавил. Со тоа отпаднал кривично правниот елемент на кривичните дела Злоупотреба на службената положба и овластување или Несовесно работење во службата, а тоа е прибавувањето на некаква корист за друг или нанесувањето на штета, односно недостасува последицата неопходна за постоење на кривично-правна одговорност кај службените лица кои преземале службени дејствија, заклучуваат од Обвинителството.