Министерството за здравство на сметка на „Стабри Интернешенал“, фантом фирма од Хонгконг уплатило 12,5 милиони евра за 200.000 вакцини, рече на денешната прес-конференција, Миле Лефков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што кажа тој, тоа го потврдува и документ издаден од „Дојче банк“ на 25 јануари годинава, банка која требала да послужи за склучување на договор со кинескиот производител „Синофарм“ за набавка на вакцините.
-Од каде и на фирма со тројца вработени 12,5 милиони долари и дали овие пари, се парите кои владата на Заев и Филипче ги уплатила како аванс за набавка на вакцини?! Ова е доказ дека Заев и Филипче плаќаат 62,5 долари за една вакцина. Податоците кои ги објавуваат медиумите е дека една вакцина на ‘Синофарм’ чини најмногу до 32 долари“, посочи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ кој воедно и јавно запраша дали Заев и Филипче сакале да купат вакцина по цена двојно поголема од таа што ја плаќаат другите држави.
Според Лефков, ова е пример за класично профитерство на сметка на здравјето на граѓаните.
-Дали разликата од 30 долари требала да заврши на други сметки, односно на сметка на фантомската ‘Стабри Интернешенал’, за потоа преку оф-шор сметки да бидат испумпани парите и да завршат во џебовите на функционерите од врвот на власта,- праша пратеникот од опозициската партија и го повика Јавното Обвинителство да го испита случајот.