По речиси цел месец од последна одржана седница на 3 февруари македонскиот парламент ќе се обиде денеска да одржи редовна седница. За денеска се закажани четири продолженија на досега прекинати собраниски седници, но дали парламентарно мнозинство ќе собере кворум од 61 пратеник останува да се види.
До сега, седниците не можеа да започнат бидејќи мнозинството во парламентот имаше проблеми да обезбеди присуство на повеќе од половина пратеници. Некои пратеници имаа проблеми со корона вирусот, но главни проблеми беа внатрешните конфронтации во редовите на ДУИ…
Ќе биде ли парламентарното мнозинство посериозно денеска и ќе почне ли да си ја работи работата? Токму тие инсистираа на избири среде корона криза да за се имало стабилен парламент.
Инаку, на седниците број 21, 22, 25 и 26 на дневен ред се неколку предлог закони. Треба да се расправа за предлог – законите за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, за изменување на Законот за поштенските услуги и за дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести бара формирање посебна комисија за заштита и справување со пандемија или епидемија, формирана од Собранието. Опозицијата смета дека постојната Комисија за заразни болести не се справува добро со коронавирусот.
Пратениците денеска ќе треба да ги разгледуваат и предлозите на Законот за остварување на јавниот интерес во културата, на Деловникот… Со над 3.000 поднесени амандмани од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијансата за Албанците и Алтернатива, блокирана е работата на Мандатно – имунитетната комисија. Со тоа пропадна обидот да почне расправата за измена на собранискиот Деловник со кој треба да се отвори можноста за онлајн работа и дискусии на пратениците коишто се заразени или се во изолација поради ковид-19, коишто ги предложи собранскиот спикер, Талат Џафери. Со овие измени се предлага Собранието да може да работи и онлајн во време на корона вирусот.
На 25-та седница на дневен ред се три закони. Првиот е предлог на закон за задолжување со заем кај Европската банка за обнова и развој за реализирање на „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“. Со него Македонија треба да се задолжи со 70 милиони евра за да се реализира проектот на Град Скопје, за подобрување на превозот и подобро движење на патниците.