Со попишување на вработените во дипломатските претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на Армијата во странство, затворениците и бездомниците вчера почна пописот на населението. Но процесот веднаш почнаа да го следат и информациите за проблемите и сомневањата во регуларноста на пребројувањето. Тие најмногу се однесуваат на нашите сонародници кои престојуваат во странство.
Дел од нив вчера изјавуваа дека имаа проблеми со употребата на апликацијата преку која тие треба да се самопопишат. Така, на пример, имаше поплаки дека не се доволно информирани дека пописот започнал, дек имале проблеми да добијат ПИН-код или пак, системот не им го прифаќал матичниот број. Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски го потврди овој проблем со матичните броеви, велејќи дека сега веќе е надминат, а ги опфаќал лицата родени по 2000 година.
Но, најголеми сомнежи отвори една македонска програмерка која во Фејсбук групата „Сојузен комитет на програмери на Република Македонија“ објави дека секое лице кое ќе вклучи ВПН може да се попише од Македонија, иако оваа апликација е наменета за македонските граѓани во странство!?.
-Наидов на грешка во апликацијата за само-попишување наменета за граѓани од дијаспората. Пишувам за да ме исправите ако грешам или да пријавите ако е тоа потребно. Јас која живеам во Македонија, успеав да се само-попишам користејќи ВПН. Интернет страната не дозволува да се регистрирате доколку имате македонска ИП адреса, но штом инсталирав ВПН (бесплатен) веќе немаше ограничувања. Само-попишувањето е не само за дијаспората туку и за секој граѓанин кој во овој период нема да е во Македонија. И така јас одбрав да сум кај нашиот северен сосед, го оставив мојот македонски телефон и без никаков проблем бев регистрирана и го поплнив прашалникот. Не се бараат никакви податоци за адреса од земјата каде што престојувам, а за причина за престој имаше повеќе опции од кои последната беше “Друго” или нешто слично. Ми падна чудно што и во прашалникот кога ја пополнува адресата во Македонија задолжително беше само името на улицата, но не и број, влез, стан, пишува порграмерката.
Таа отвара дилема, дали сега таа повторно ќе биде попишана од страна на државните попишувачи.
– И сега се прашувам: 1. Зошто не постои подобра заштита која мене од Македонија би ми оневозможило да се само-попишам? 2. Дали сега, кога го имаат мојот матичен број, но не и комплетната адреса, ќе бидат исклучена од физичкиот попис, да ме прескокнат т.е. како да не се бројам 2 пати еднаш дигитално и еднаш на прашалниците кои претпоставувам испечатени на хартија ќе ги носат луѓето што ќе не попишуваа?, прашува таа.
Инаку, ВПН е алатка која ја редиректира вашата ИП адреса на друго место. Па така, користејќи ВПН вие лажно можете да покажете дека сте приклучени од друга држава. Алатката обично се користи за пиратерија на интернет просторот со цел да не може да биде откриено од каде сте приклучени. Се користи и за апликации и програми кои поради разни причини се забранети во Македонија.