„Новогодишна сказна“ е последно-објавената сликовница за лица со оштетен вид. Во издание на Здружението „Свет на Различни а Еднакви“ книгата ја напиша поетесата Гордана Симоновска Момироска, а објавена е на македонски и албански јазик.
Препевот на стиховите од македонски на албански јазик е на поетесата Пунторие Муча Зиба, а Брајовото писмо на Тони Пајдаков, секретар на Здружението за слепи лица во Велес. Рецензент на проектот е писателот Горјан Петревски, а јазичната редакција на универзитетската професорка Гордана Алексова.
„Новогодишна сказна“ е отпечатена во „Европа 92“ – Кочани на видно писмо и во Сојузот на слепи лица -Велес на брајово писмо. Таа е првенче на проектот „Правото да читаш не е посебна потреба“ во чии рамки Здружението ќе продолжи да издава и други инклузивни изданија со материјална поддршка од општествено одговорни институции, фирми и донатори.