Две пакувања во вкупна количина од 2.008 грама наркотична дрога мархуана е причина за притворање на двајца кумановци, соопшти Основното јавно обвинителство Велес. Ова ОЈО издало Наредба за спроведување истражна постапка против нив поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
-Откако првоосомничениот му помогнал на второосомничениот да отвори транспортна фирма и да започне со работа како превозник, по идеја на првоосомничениот се договориле да преземат канцелариски материјал од фирма во Приштина. Второсомничениот заминал со товарното возило во Приштина, каде го оставил возилото за да се натовари потребниот материјал, а тој се сретнал со првоосомничениот. По кратко време првоосомничениот отишол да види до каде е утоварот, па откако бил завршен, второсомничениот со товарното возило се вратил во земјава, додека првоосомничениот се вратил со такси-возило. По завршувањето на шпедициските формалности, првоосомничениот го известил второосомничениот дека со натоварената стока треба да замине во Република Грција, по што второосомничениот така постапил, соопшти Јавното обвинителство.
Меѓутоа, посочуваат од ЈОРСМ, на 09 ноември 2020 година, движејќи се по патот Велес-Скопје кај местото Ветерско, второосомничениот изгубил контрола над товарното возило и излетал од патот при што се здобил со телесни повреди. При преглед на товарното возило, овластени полициски службеници пронашле две пакувања во вкупна количина од 2.008 грама наркотична дрога – марихуана која второосомничениот неовластено заради продажба ја пренесувал, а во што со умисла му помогнал првоосомничениот.