Dark Mode Light Mode

Универзална сала пак доби ветување дека „ЌЕ се реконструира“…

Ете, се случи и очекуваното – Универзална сала да си добие ново ветување дека ќе биде реконструирана. Ниту салата, ниту некој друг веќе знае кое по ред е ова ветување. Многу ги имаше, па се збуни и статистиката.

Последната најава е: Со два милиони евра добиени од државниот буџет ќе се реконструира култната Универзална сала а градежните работи би требало да почнат кон крајот на годинава. Ова е епилогот на дилемите кои веќе три години ги има скопскиот градоначалник Петре Шилегов околу култниот објект за скопјани кој е затворен веќе шест години заради дотраеноста.

Во изјавата која што денеска ја даде за порталот СДК.мк градоначалникот Шилегов изјави дека парите ќе бидат издвоени со ребалансот на државниот буџет кој неделава треба да се изгласа во парламентот.

Реклама

-Со реконструкцијата Универзална сала ќе ја задржи својата автентичност. Нема да се врши доградување, ниту надградување бидејќи од Асоцијацијата на архтекти на Македонија кажаа дека на постојната локација поголем објект не може и не смее да има. Ќе се реновира внатрешноста и надворешноста на објектот и наесен догодина ќе биде спремен за концертнатата сезона, вели градоначалникот Петре Шилегов, за СДК.

Значи, Универзалната сала повторно доби ново во серија на ветувања дека ќе се реконструира. Такви ветувања и досега имаше куп. А во последнава година беа надополнети со варијанти да се урива и да се гради на друга локација и за што се одржаа дури и дебати по што се застана на неколку опции – Постојната сала да се реизгради на истото место; да се изгради нова сала на нова локација, или, во исто време и да се обнови стариот објект и да се гради нова сала.

Но, на граѓаните им е добро познато дека нејзината обнова беше едно од клучните предизборни ветувања на Шилегов на локалните избори во 2017 година. Три години подоцна, ништо не е направено за исполнувањето на оваа ветување. Така, на пример, по доаѓањето на власт Шилегов со тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски потпиша „писмо за намери“ за нејзина обнова во 2018 година. Но и тоа не се оствари. Во мај 2018 имаше најави дека реконструкција ќе следи во 2019 година. Последното ветување е од април годинава кога Шилегов рече дека проектот годинава ќе се реализира и од причина што Скопје е кандидат за европскиот град на културата во 2028 година. Претходно, во декември минатата година беше најавено дека изградбата на нова сала ќе започне веднаш во јануари годинава и дека ќе биде распишан конкурс за идеен проект бидејќи два проекта кои веќе постојат не се добри.

Излегува дека сите досегашни ветувања за обновата на салата останаа неисполнети. Заради тоа, оправдано е прашањето дали сега ќе се исполнат новите најави и ветувања дека таа ќе се реконструира? 

Keep Up to Date with the Most Important News

By pressing the Subscribe button, you confirm that you have read and are agreeing to our Privacy Policy and Terms of Use
Previous Post

Аеродром стаса до 710 активни случаи од вирусот, Центар и Карпош одат кон 600...

Next Post

Полицаец барал поткуп од 2.000 евра, синоќа бил приведен

Реклама