Имајте трпение, за триесеттина дена ќе биде готово – ова е пораката на Град Скопје до граѓаните кои секој ден не знаат кој пат да го фатат за да стигнат од точка А до точка Б низ скопските улици бидејќи сите клучни сообраќајници се раскопани и се реконструираат. Ова се случува како никогаш до сега, како што велат граѓаните, едноставно не смее се да се раскопа истовремено, поовеќе од половина клучни булевари да се затворат во, и онака, лошата инфраструктурна мрежа на градот.
Па така, од Бардовци да стигнете до Аеродром, трасата би била преку пластичарската улица, па десно кај некогашен саем, потоа мостот пред железничка станица и влегувате во Аеродром – бидејќи овде ништо не е блокирано од градење. Ама па затоа е блокирано бидејќи сите се пренасочуваат од таму. Сето ова трае точно еден час, многу бензин и нервоза. Значи солуција нема. Ќе мора да го послушаме Петре Шилегов кој бара трпение.
Но, изгледа скопјани не можат да најдат трпение. И разбирливо, кога немаат никаква алтернатива за движење бидејќи се е блокирано, затоа што градоначалникот одлучи се да биде готово до пред зимата.
-Камо вака да им запневте на депониите како на патиштата, „џам“ ќе беше градов – не до пред зимата туку преку ноќ! Штом можете безмилосно да затворите и раскопате 20 улици во исто време и око да не ви трепнува, значи тоа што се „вадите“ за депониите ви е само изговор. Ама очигледни сте, не ви проаѓа – коментира Влатко А. на маилот на „Скопско ехо“.
-Со намера сум да си купам хеликоптер, вака не бива. Ало, Град Скопје, да ги пренасочите субвенциите од тротинети за летала, нема веќе како да се возиме низ град, вели Марко Д.
Има и други, некои дури и повулгарни коментари. Сепак во целата чудна ситуација добро е што барем знаеме дека ќе заврши па потоа на тие улици нема да ги кршиме автомобилите од дупки, шахти и крпеници. Единствената светла точка на крајот од тунелот. До тогаш, со среќа движењето низ Скопје.