Dark Mode Light Mode

Дебелината кај децата – сериозен проблем за здравјето

Колумна на Д-р Александар Митов:

Веројатно многумина ќе се согласат дека дебелината кај децата не е здрава работа, но малкумина знаат дека таа може директно да го загрози животот на детето. Притоа не мислам на долгорочните последици по здравјето, како што е зголемениот ризик за развој на дијабет или срцева болест подоцна во животот. Не мислам ниту на психолошките трауми што едно дете ќе ги доживее откако ќе биде изложено на подбив од околината. Зборувам за болеста на замастен црн дроб кај децата (NAFLD: Non-alcoholic Fatty Liver Disease).

Болеста на замастен црн дроб кај децата е многу сериозна и, за жал, се’ почеста болест. Утврдено е дека во некои земји во развој има и до 80% пораст на бројот на случаите. Голема научна студија утврдила дека 53% од децата со прекумерна тежина во Италија ја имаат оваа болест, 42% во Грција, па се’ до 77% во Кина. Притоа, двапати почесто се засегнати момчињата наспроти девојчињата.

Реклама

Болеста на замастен црн дроб подразбира спектар од нарушувања кои го зафаќаат црниот дроб. Таа се карактеризира со абнормално насобирање на масти во клетките на црниот дроб кое може да прерасне во стеатохепатитис, фиброза и цироза. Цирозата, од друга страна, може да доведе до појава на хепатоцелуларен карцином. Раните стадиуми од болеста можат да бидат излекувани и црниот дроб да се врати во првобитната состојба, но, за жал, подоцнежните стадиуми не можат да се излекуваат. Затоа е особено важно болеста рано да се препознае и да се лекува.

Раното препознавање на болеста е проблем. Болеста вообичаено е тивка и не дава лесно препознатливи симптоми. Но, постојат неколку едноставни работи кои можат да го најават нејзиното присуство. Прво, ако детето е со прекумерна тежина треба да се направи едноставен тест за црнодробни ензими (особено ALT) во крвта. Впрочем, кај СЕКОЕ дете со зголемена телесна тежина на возраст помеѓу 9 и 11 години треба да се направи ова тестирање.

Второ, следен едноставен и неинвазивен тест е ехо преглед на црниот дроб, со цел за да се утврди дали има замастеност.

Трето, единствен начин да се докаже со сигурност присуството на болеста е со биопсија на црн дроб. Така и се утврдува до кој степен вистински е напредната штетата на црниот дроб. Терапија: клучот на терапијата се промените во животниот стил на детето. Тоа пред се’ подразбира: промени во исхраната и засилена физичка активност. Се смета дека со намалување на 10% од телесната тежина доаѓа до значително подобрување на состојбата на црниот дроб. Нема останати лекови или суплементи кои имаат докажан ефект кај болеста на замастен црн дроб кај децата, иако неколку студии покажуваат добри резултати за витамин Е.

За крај, вреди да се потсетиме дека дебелината кај децата е сериозен проблем кој може да има несогледливи последици по здравјето на детето. Здравата храна и физичката активност се единствениот лек за оваа состојба и секој напор на родителите во оваа насока е оправдан и корисен.

 

Извор: Clinical practice guidelines for NAFLD developed by the North American Society for Pediatric Gastroenterology, Hepatology and Nutrition (NASPGHAN) and published in the Journal of Pediatric Gastroenterology and Nutrition (JPGN).

Keep Up to Date with the Most Important News

By pressing the Subscribe button, you confirm that you have read and are agreeing to our Privacy Policy and Terms of Use
Previous Post

МОН: Обезбедуваме настава и за децата коишто немаат уреди за онлајн учење

Next Post

Кога под контрола ќе се стави прашината од градилиштата?

Реклама