Генералниот секретар на Движењето Беса, Арјанит Хоџа денеска најави дека ја напушта Владата, но дека партијата денеска и утре ќе продолжи со консултации внатре во партијата за да одлучи како ќе дејствува понатаму.
– Движењето БЕСА во континуитет се позиционираше како сериозна политичка партија која толерира многу прашања. Нашата единствена цел е големата слика на евроинтрегациската иднина на државата. За жал, во моментот кога движењето БЕСА тргнува со силен „камбек“ на политичката сцена, се појавуваат криминалните методи на ДУИ, кои се прекриваат во името на евроинтеграциите. Но, за жал требаше многу малку за да се види вистинското лице на ДУИ, рече Хоџа на денешната прес-конференција.
Тој потсети дека неговата одлука е поради тоа што е прифатен приговорот за прегласување во Општина Желино.
– Како што сте информирани, со претставка од набљудувач на ДУИ, и покрај тоа што никаде во записникот не е наведено, во Општина Желино ќе се повтори гласањето на избирачкото место 2107. Прашањето кое го поставуваме е на колку избирачки места ДУИ дозволила вакви и слични појави и ги задржале како резерва, за да ги повтори изборите и дали е вистина дека од 2002 година наваму ДУИ го користи истиот метод манипулирајќи со изборниот резултат низ цела држава, рече Хоџа.
На прашање дали ќе поднесат тужба до Управниот суд поради барање за прегласување во Желино, тој одговори дека ќе поднесат тужба, но дека нивната одлука нема да зависи од решението на Управниот суд.
– Ако судот одлучи да не се повтори гласањето, тоа нема да не предомисли во ова што го зборуваме. Зборуваме за целосно непочитување на коалицискиот партнер, кој цела година истрпил се и сешто за да може државата да оди напред. Во Владата ваква каква што е, јас лично нема да бидам министер на маса со тие луѓе, рече Хоџа.
Прашан поконкретно дали БЕСА е поблиску до напуштање или останување во коалиција, Хоџа рече дека дури и партијата да одлучи да продолжи да биде дел од сегашното владејачко мнозинство, тој како министер повеќе нема да бидам дел од тоа мнозинство.