Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не очекува објективна истрага за пожарот во модуларната болница додека министерот Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани се на функција.
Мицкоски денеска беше во тетовско Нераште каде со жители и членови на семејства на лица кои загинаа во модуларната болница која на 8 септември изгоре до темел, разговараше за самиот објект.
Од видеото кое го сподели Мицкоски на неговата фејсбук-страица се слуша како тие разговараат. Во овој разговор Мицкоски вели дека тој како инженер може да потврди дека бболницата не исполнувала услови.
-Додека министерот за здравство и неговиот заменик се таму каде што се, додека овие луѓе ја водат Владата, не очекувам непристрасна истрага. Многу е јасно, објектот немал дозвола за употреба, а е пуштен во употреба. Треба ли уште повеќе да зборуваме? Овде треба кривична одговорност, овде треба десетици години затвор за тие што го дозволиле тоа. Каква истрага е потреба, за што зборуваме ние? Имаме објект кој нема дозвола за употреба, а е пуштен во употреба. Немаме инсталација за противпожарна заштита. Што треба истрагата да констатира? Еве јас сум инженер, констатирам, универзитетски професор сум. Што треба да констатираме повеќе, не знам што треба да констатираме повеќе, изјави денеска Мицкоски.
Тој кратко ја прокоментира и изјавата на премиерот Зоран Заев дека не размислувал за да си поднесе оставка и вели дека таа му предизвикала чувство на гадење.
-Навистина, кога човек ќе се поистовети со функцијата и себеси ќе се интерпретира со функцијата – тоа сум јас, во услови кога згаснаа невини човечки животи, е тажно и жално. Доколку тој човек не чувствува ни малку морална одговорност и тоа се обидува да го интерпретира дека ако тој заминел Мицкоски ќе бил премиер, тогаш навистина освен она благо чувство на гадење друго немам ништо да кажам, рече Мицкоски.