Нема да имаме друга можност освен да воведеме некаква форма на рестрикција за невакцинираните, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
За мерките е разговарано и дополнително ќе се разговара во август, а целта е да се заштити целокупното друго население.
– Видовме во изминативе години што значи да нема вакцина за една болест, какви рестрикции, полициски часови итн., гледаме и следиме примери и од другите земји, има приватни компании кои едноставно сакаат вработените да им се вакцинирани за да може нормално да функционира работниот процес, а ние ќе го штитиме јавното здравје со тоа што евентуално би вовеле такви мерки таму кај што има можност за масовни собири, јавни настани, можеби влез за некои јавни места итн, изјави Филипче денеска во Битола.
Во однос на вакцинацијата на децата, тој потенцира дека немаат во план, како за нив, така и за возрасните да наметнат правила и таа да биде задолжителна.
– Апсолутно, ниту за училишта, ниту за средни, ниту за факултети итн. Меѓутоа, во овие места кај што има ризик за големи собири, тука размислуваме без разлика дали станува збор за адолесценти, постари луѓе. Така што допрва ќе разговараме за мерките. Како и се до сега што добро го осмислувавме и добро го димензиониравме сакаме и овие евентуални мерки да бидат добро осмислени со цел да продолжи нормално животот. Ние не можеме да живееме ниту затворени, ниту со рестрикции, ниту да трпи повеќе економијата посебно сега кога има вакцина на располагање, истакна Филипче.