Секојдневние во скопските рубрики во медиумите се информации за асфалтирање на споредни улици, собирање на кабаст отпад, чистење и миење на улиците… Неоспорлив е фактот дека се работи за позитивни вести, но, во 21 век, кога работата на градоначалниците треба да биде реализација на проекти како во европските и светските градови крпењето или асфалтирањето улици,нивното миење и чистење се подразбира, и не би требало да биде новинарска информација.
Дотолку повеќе пак кога се објавуваат вести како таа во Свиларе, каде вчера се собраа министерот за животна средина и градоначалникот на Сарај, со камери и околни жители, па го пуштија во употреба новиот резервоар за вода во селото. Двајцата се фотографирани како среќно се поздравуваат, а жителите околу нив немо и бледо ги гледаат, веројатно преку глава им биле ветувањата дека во 21 век треба да добијат резервоар за вода. Сарај, некогаш познато излетничко место, денес има еден куп еколошки проблеми повисок и од ридовите на Матка. Тие не се решаваат.
На другата страна на градот, во Илинден пак, локалните власти се пофалија дека извршиле дератизација во околу 630 шахти, дезинфицирале 3.300 м2 јавни објекти, како и 12 домови на култура. Зарем ова не е доволно само како соопштение на веб страна, колку да знаат жителите дека е направена дезинфекција? Неопходни ли се попмпи за работи кои се опис и попис на работата на градоначалниците, а не ексклузива?
Време е скопските градоначалници да сфатат дека треба да се излезе од матрицата на крпење, афалтирање и миење улици, и да се потрудат нивните општини да се модернизираат барем едно ниво погоре. Време е да разберете дека гласови на избори не се добиваат со дезинфекција, дератизација, две – три засадени дрвца, фрлен асфалт или водоводна мрежа, туку со реализација на проектите кои ви стојат запишани во програмите и стојат заборавени таму, на страниците.