Адвокатот на бизнисменот Јордан Камчев, Тони Менкиновски, по завршување на расправата во судот и одредување на 30-дневниот притвор на неговиот клиент, посочи дека нема докази дека тој имал намера да избега.
Според Менкиновски, Камчев е деловен човек кој во време на пандемија се грижи за здравјето на луѓето и инвестира, а државата му одредува притвор. Адвокатот образложи и дека обвинителката Лиле Стефанова која побара притвор, не може да биде обвинител бидејќи против нејзе има кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување поради тоа што, како што кажа, земала поголема плата и според решение е обвинител во Радовиш, без мандат.
-Има информации дека се подготвува за бегство, тоа треба да го докаже Обвинителството. Нема евидентен доказ дека господин Камчев ќе ја напушти Македонија. Напротив инвестира во ова време на пандемија, во отворање на нови одделенија, вработување на нови доктори, има деловни потфати во Македонија за јавно здравје и здравјето на луѓето, а имате одлука на нашиот суд за 30-дневен притвор. Не ни беа презентирани документите од АНБ, судијата не ни го даде решението туку даде записничарката. Најверојатно му беше срам да не погледне во очи. Ние ќе го штитиме до крај господинот Камчев. Самиот судија е контрадикторен во решението, нема да го учам јас на занает. Тој требаше да ги укине другите мерки и да определи притвор, а тој напиша само дека го уважува предлогот. Решението е донесено врз база на ‘ќе’, ‘ќе избега’, а треба да имате докази, истакна Менкиновски.
Тој објасни дека на Камчев, лицата кои го приведувале му кажале дека тој е лишен од слобода поради „изборни измами“, а кога стигнале во судот, им кажале сосема друго.
-Ова е срамота, двата пасоша се во овој суд, мерки за обезбедување од страна на капиталот на господинот Камчев, кој вработува 3.000 луѓе се изречени, истрагата не е завршена, тој сеуште е осомничен – а само по некоја дојава тој доби 30-дневен притвор. Многу ми е жал, но јас се надевам дека за многу брзо дека оваа мерка ќе биде санкционирана од страна на Европскиот суд за човекови права. Не се образложува во образложението која е причината, ниту се даваат објаснувања зошто Камчев треба да оди во притвор, истакна адвокатот.