Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, вели дека, доколку сега се одржат парламентарни избори, според неговите калкулации, наместо сегашните 46, неговата коалиција би имала 50 пратеници.
Но и покрај ваквото тврдење, тој денеска уште еднаш ја отфрли идејата за предвремени парламентарни избори што ја предложи ВМРО-ДПМНЕ истакнувајќи дека тоа нема ништо да промени во власта, туку само ќе ја закочи економијата.
-Tреба да има редовни избори затоа што тоа е добро за државата. Ако има избори сега, наместо 46 пратеници, ние ќе имаме 50, а ВМРО-ДПМНЕ ќе има 40. И веројатно ќе ми е полесно и како претседател на Влада и сè, но ќе изгуби државата најмалку 6 месеци. Дефинитивно, предвремени парламентарни избори не ѝ требаат на државата, апсолутно го тврдам тоа бидејќи апсолутно ништо нема да промени освен да ја закочи државата, изјави денеска Заев.
Тој е уверен дека никој од неговите коалициски партнери нема да премине во таборот на Христијан Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на лидерпт на опозицијата дека наскоро ќе има ново парламентарно мнозинство.
-Кој тоа од коалициските партнери на Заев верува во тоа? Нема таков. Истовремено, дали од неговите коалициски партнери и пратеници веруваат во ваквите политики и проекти, е исто така гаранција дали ќе помине од опозицијата во владејачкото мнозинство, рече Заев.
За превирањата на локално ниво каде Партијата за движење на Турците реши да ја напушти коалицијата со социјалдемократите, Заев рече дека е уверен дека лидерот Енес Ибрахим, кој е и пратеник во Собранието, нема да излезе од коалицијата на централно ниво.