Dark Mode Light Mode

Наумовска: Учебната година да почне од 15 септември

Министерството за образование и наука предлага наставниот час во основно образование да трае 30 минути, а во средно образование – 35 минути, вели заменичката-министерка за образование и наука Елизабета Наумовска во интервјуто за Мета.

Сите овие предлози се веќе во завршна фаза и сега за нив треба да се усогласат Комисијата за заразни болести, МОН и Кризниот штаб, по што Владата ќе го има крајниот збор.

Наумовска вели дека ако се усвојат ваквите предлози на училиште задолжително ќе треба да одат децата од прво до трето одделение, а останатите ќе учат онлајн, освен во оние училишта каде што има доволно простор настава во исто време да следат и деца од повисоките одделенија. Таа вели дека најдобро е учебната година да започне околу 15 септември, зашто многу нешта зависат од политичката состојба во државата. Во таков случај, учебната година ќе биде продолжена и ќе трае до 20 јуни, додава таа.

Реклама

– Стартот многу зависи од тоа кога ќе се формира Влада. Први септември како датум е невозможно да се испочитува, многу е кусо времето. Мора да почекаме прво да се усвојат законски измени за сите овие новини, кои зависат од Собранието, па потоа да се почне со настава – вели Наумовска.

Според новите предлози, децата нема да имаат топол оброк на училиште. Секој од нив ќе си носи од дома храна или ќе им ја подготвува операторот со храна ангажиран од училиштето, но оброкот ќе е спакуван. Часот се предлага да трае 30 минути. Ако паралелката е со поголем број деца, тогаш децата би биле поделени во две групи. Наставникот прво би ги одржувал часовите со едната група, а потоа и со другата. Пред да дојде во училница втората група ученици, работните простории и целата училница ќе се дезинфицираат. Во помалите општини, односно во руралните општини каде што бројот на ученици не е голем, со физичко присуство ќе имаат настава и останатите ученици од повисоките одделенија.

Наумовска вели дека национална платформа за работа од дома нема да има, туку на ниво на училиште (наставнички совет) ќе се избере платформа за учење која е најприфатлива за наставниците. Моделот учење од далечина подразбира користење на дигитални платформи и алатки за реализација на наставата, па потребна е техничка подготовка за електронската интерактивна платформа за учење на далечина како на пример Moodle, Google classroom, Teams, Edmodo и слично.

Keep Up to Date with the Most Important News

By pressing the Subscribe button, you confirm that you have read and are agreeing to our Privacy Policy and Terms of Use
Previous Post

Тимот за одговор при катастрофи трага по исчезнатиот велешанец кај Белештевица

Next Post

Сообраќајка кај велешко Голозинци, меѓу повредените има и деца

Реклама