Dark Mode Light Mode

Црвениот крст организира изложба на фотографии по повод 26 јули

Во рамки на активностите во пресрет на 26 јули – Денот на солидарност, Црвен крст на град Скопје денеска ќе постави изложба на отворен простор на фотографии од наградуваниот авторот Виктор Лакен, кој за Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвенаната полумесечина ги изработи делата со наслов „Здравствена заштита за спасување живот на луѓето кои се во движење на Балканот“.

Изложбата ќе биде поставена во периодот од 10.30 до 13.00 часот на улица „Македонија“, во делот помеѓу продавниците на „Краш“ и „Сваровски“. Фотографиите испечанени на форекс ќе бидат поставени на наменски изработени штафелаи, при што волонтери на Црвен крст ќе стојат покрај нив и на сите минувачи, со почитување на сите протоколи за заштита и самозаштита, ќе им ја објаснат приказната за секоја фотографија.

Во месеците јули и август 2019 година, Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина (МФЦК) го испрати фотографот Лакен низ Балканот за да ги документира предизвиците со кои се соочуваат бегалците и мигрантите кои треба да пристапат до здравствена заштита на нивните долги и тешки патувања.

Реклама

Како што се наведува во соопштението на Црвениот крст, тој открил дека многу мигранти имаат повреди од самото патување, било од судири со властите, несреќи со возила или други несреќи. Други имале здравствени состојби кои не можеле да се лекуваат. Мигрантите исто така се соочиле со психолошки стрес, недостаток на пристап до здравствени услуги, чиста вода за пиење и санитарни објекти и страдале од лоша исхрана. Како последица на тоа, тие станале многу ранливи на инфекции и болести.

– Националните друштва на Црвениот крст во Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина им помагаат на луѓето во движење, пружајќи медицинска нега во центрите за транзит, привремените кампови, па дури и покрај патот. Тие исто така се залагаат за мигрантите и бегалците да имаат подобар пристап до националните здравствени системи. Без нив, многу повеќе луѓе би претрпеле сериозни повреди, па дури и смрт. Фотографиите од земјава, предизвикаа силни реакции кај посетителите на изложбата во седиштето на МФЦК во Женева, покажувајќи го вистинскиот хуманитарен одговор на тимовите на Црвениот крст во делот на здравствената заштита и медицинската помош, се додава во соопштението.

Во рамки на активностите кои Црвениот крст традиционално ги организира во знак на сеќавање на катастрофалниот земјотрес во Скопје, но и во знак на покажаната солидарноста и хуманоста на нашите сограѓани, утре во периодот од 9.00 до 17.00 часот крводарителска акција во ДХО Даре Џамбаз. Во организација на крводарителската акција се вклучува и Општинската организација на Црвениот крст Кисела Вода, во соработка со Институтот за трансфузиона медицина.

По повод 26 јули, Црвениот крст на град Скопје ќе додели и благодарници на соработници и поддржувачи, во знак на покажана солидарност и поддршка на ранливи категории.

– Оваа година, поради состојбата со пандемијата од Ковид-19, благодарници ќе доделиме на фирми, компании и соработници кои во изминатиот период доделија значителна хуманитарна помош наменета за ублажување на ранливоста на населението погодено од пандемијата со Ковид -19. Благодарниците ќе бидат доставени до секој од наградените субјекти, се наведува во соопштението на Црвениот крст.

Keep Up to Date with the Most Important News

By pressing the Subscribe button, you confirm that you have read and are agreeing to our Privacy Policy and Terms of Use
Previous Post

Сончево и топло време, попладне локален пороен дожд

Next Post

Управниот суд досега не прифати ниту една тужба во однос на изборите

Реклама