На бесплатниот телефонски број 191 на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) граѓаните можат да пријават случај на драстично зголемени цени на основни прехранбени производи кои со одлука на Владата се замрзнати.
-На оваа бесплатна телефонска линија сите граѓани можат да пријават неправилности кај трговците што не ја почитуваат одлуката за замрзнување на цените на основните прехранбени производи,напиша на својот Фејсбук профил министерот Бектеши.
Согласно Одлуката за определување на највисоки цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало која е објавена во „Службен весник“, започнувајќи од 06.12.2021 година, се замрзнуваат цените што се применувале на 1 декември 2021 година, во трговијата на големо и трговијата на мало на: леб, шеќер, брашно – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, свежо месо и сувомесни производи и сирење и урда.
Оваа одлука ќе важи до 31 јануари 2022 година.
Бектеши вчера најави извесно проширување на листата на производи со „замрзнати“ доколку се увиди дека цените во трговијата на мало и трговијата на големо се зголемиле во текот на ноември. Во листата на производи со замрзнати цени, покрај основните продукти, би се вовеле и оние на оризот и јајцата.