Dark Mode Light Mode

Нашите телевизии се затруени со политика

Актерката од помладата генерација, Димитрина Мицкоска им препорачува на гледачите да гледаат само она што им предизвикува уживање на душата и да не ги трујат своите животи со негативности.

о Што им препорачувате на скопјани да  гледаат на телевизиските програми и зошто?

-Препорачувам да се гледаат само позитивни работи. Емисии од патувања, програми од едукативен карактер, од историски карактер, прилози за животинскиот и растителниот свет, спорт, култура, достигнувања, играни филмови, се она што ќе и донесе уживање на душата. Секојдневниот живот е доволно исполнет со стресови, па телевизијата не би требало да не растревожува, туку напротив да мотивира и да ја буди нашата креативност. Има недоброј квалитетни и убави играни филмови, па во ударните термини кога сите се враќаат изморени од работа би било одлично да има добар игран филм на телевизија.

Реклама

о Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот кога тоа е на програмата и зошто?

– Јас лично избегнувам политика. И ако јас се прашувам би требало сите да го прават тоа. Нашите телевизии се затруени со политика и народот е преплавен со информации за тоа кој што направил, што згрешил, протести, незадоволства, се поттикнуваат конфликти, се буди нервоза. Да, треба да сме во тек со светските и државните збиднувања, ама не по секоја цена, не по цел ден, не да се слуша само критика и осуда, не само пропусти, грешки и изместена вистина. Политичарите би требало да си ја вршат својата работа, а гледачите да уживаат само во пријатни теми и да не си ги трујат своите животи со негативности.

За да има што помалку избегнување на канали, би требало да има што повеќе инвентивни и стручни новинари кои ќе знаат како со убави работи да го задржат вниманието на гледачите.

 

о Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

-Отсекогаш сум ги ценела емисиите од типот на откривање непознати дестинации и места, ама афирмација на млади таленти е исто така добра идеја. Па така, добро би дошла една емисија каде би гостувале спортисти и би зборувале за своите достигнувања и начинот на живот, независни артисти кои се занимаваат со театар и уметност, млади филмаџии и нивни проекти, сопственици на мали креативни бизниси, талентирани луѓе од секоја бранша. Ја ценам креативноста и успесите и тоа треба да се пласира на јавноста. Тоа може да потикне поголема креативност.

Keep Up to Date with the Most Important News

By pressing the Subscribe button, you confirm that you have read and are agreeing to our Privacy Policy and Terms of Use
Previous Post

Војни на иднината

Next Post

Ќе направам спортски објекти за идните спортски надежи

Реклама