Dark Mode Light Mode

Неодговорни решенија и своеглавост на власта

Колумна на Наташа Котлар – Трајкова:

За (не)среќа, жешково лето ни е богато и со жешки теми! Иако не се во некој ред и повеќе хаоточно осцилираат, темите се предупредување за да се подготвиме за нашево битисување во скора иднина.

Пред Илинден е изгласан Законот за државјанство – содржина која буди огромни сомневања и недоследности, годишнините на двата Илиндена (1903 г. и 1944 г.) се недолично одбележани од властодршците и со бунтовна народна реторика, справувањето со вирусната пандемија е несоодветно, проследено со хамлетовска дилема – вакцинирање или не?

Реклама

Згора на ова се насобраа белосветски пензионирани ликови, небаре поводот бил значаен – одбележување на Рамковниот договор (2001) настапувајќи со недоследни, на моменти комични, но навредливи говори за здраворазумните, а тематски поставени – еднаш рекол едно, а потоа одрекол!

Затоа овде внимание ќе посветам на прашањето – зошто Првото заседание на АСНОМ  (2 август 1944 г.) е значајно за македонскиот народ и за националните малцинства, наспроти современите настани, документи и манифестации. Првото народно и антифашистичко собрание е „симбол на македонската слобода и изразител на македонскиот суверенитет“, прогласувајќи ја македонската држава (на ослободената територија) за слободна татковина на македонскиот народ и на сите народности кои живеат во неа.  Накратко, моќта на овој историски настан е во неговиот државотворен капацитет, темелен врз историско-културното и духовното наследство, како и вековна борба на македонскиот народ за слобода и традициите на илинденската Крушевска република. И покрај суровата судбина која ги следеше државотворците и нивните одлуки, оваа асномска содржина остана ненадмината и тогаш и сега, заради сенародниот обединувачки, демократски и државно-правен капацитет и одговорност. Но сето ова им недостасува на Рамковниот договор (2001), на Добрососедскиот договор (2017), на Преспанската спогодба (2018), на Уставот од 2019 г. и на сè она што произлезе како законска форма и содржина од нив.

Затоа и неодговорното решение на „северната“ власт да згрижи на македонска почва, бегалци од авганистанското боиште е неприфатлива и веднаш треба да се пресече во коренот. Ова севкупно однесување говори и за тоа дека повеќето од луѓето (во Македонија, а и ширум светот) не ја сакаат слободата бидејќи таа условува одговорност, која пак е застрашувачка за многумина овде, но и надвор. Наравоучение – војните на „Големите“ не се и македонски војни, ниту пак последиците од нив.

Не се рекло попусто во народната низина: „Своето не го даваме, а туѓото не го сакаме“!

Keep Up to Date with the Most Important News

By pressing the Subscribe button, you confirm that you have read and are agreeing to our Privacy Policy and Terms of Use
Previous Post

Владините мерки почнуваат од денеска, граѓани на протести кажаа - тоа е дискриминација

Next Post

И кај нас ќе има вакцинација со трета доза, но само за одредени категории граѓани

Реклама