Dark Mode Light Mode

Не знам како не им се смачи да го гледаат народот сиромашен и несреќен

Две најкрупни грешки во Македонија се: приватизацијата во деведесетите после која половина од народот остана без работа и промената на уставното име, вели Јаневска

Естрадната уметничка Андријана Јаневска смета дека за изминативе три децении земја каква што е Македонија требало да процвета, но тоа не се случило…

Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?

Реклама

-Ќе ви одговорам со мои стихови, кои ги напишав и посветив на Македонија: „Девојка, со охридски бисер наредена, со коса од класје, расплетена, ко бајрак на вардарец развеана, во библиски оди опеана. Девојка, со срма од шуми накитена, ко тиквешко вино румена, ко Радика река немирна, а сепак, ко поле спокојна. Девојка, стројна ко Кораб извајана, со парфем од зумбул намирисана, со вода од Шара напоена, во фустан од гори дотерана“.

 Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?

 Мачно ми е да мислам, но од прва ми текнува на овие две: приватизацијата во деведесетите после која половина од народот остана без работа и промената на уставното име после кое станавме дрво без корен и новосоздадена нација без минато и историја.

Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?

 За почеток, доволно ќе биде да не одземаат од државата. За 30 години, мала земја како Македонија требаше да процвета. Не знам како не им се смачи да го гледаат народот сиромашен и несреќен.

Со што најмногу се гордеете во нашата земја?

Не постои град во Македонија каде не сум била и се гордеам со тоа што детално ја имам истражено нашата земја. Прво, горда сум на природните убавини: Охридското Езеро кое е најдлабоко во Европа и едно од најстарите езера во светот, специфично по ендемичната флора и фануна која живее само таму, како на пример охридската пастрмка и охридскиот сунѓер. Црн Дрим со природниот пат на јагулите кој за жал е прекинат заради хидро-електраните, Вевчанските извори, Галичник, националниот парк Маврово, 1000 години стариот манастир Св. Јован Бигорски, рисот како балкански ендемит кој е трајно заштитен и претставува наша икона, Шар Планина која е најдолгиот гребен над 2000 метри во Европа и најголемо заштитено подрачје на Балканот, кањонот Матка, медот од Македонски Брод, Крушево со неговата историја, Прилеп со манастрирот Трескавец, Зрзе, Хераклеа, Пелистер со ледничките езера за кои се верува дека се остатоци од глечер од леденото доба, Преспанското Езеро со островите, тиквешкото вино, рудникот Алшар кој го има единствениот минерал на светот лорандит, Дојран кој е специфичен по единствената техника на риболов со помош на кормораните, Смоларските и Колешинските водопади, наоѓалиштето Куклица, најстарата опсерваторија на светот Кокино, Осоговскиот манастир, остатокот Ѓаволски ѕид во Овчеполието кој има специфична структура, изворите на Бабуна и пештерите под Солунска Глава, Мариово… И второ, горда сум на македонскиот фолклор: приказните на Цепенков, Галичката свадба, народните песни и мелосот специфичен само за Македонија, ората и носиите, обредите и народната медицина… Сето тоа постои многу, многу подолго од 1945, како што некој сака да го претстави.

Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?

Би ги одземала само оние кои ја испокрадоа и кои ја осиромашија.

Во каква Македонија сакате да живеете?

Би сакала да живеам во чиста и незагадена Македонија, во буквална и фигуративна смисла.

Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?

 Од финансиски аспект, имам своја приватна фирма и ги плаќам сите давачки како секој чесен граѓанин, со што придонесувам за полнење на буџетот. Исто така, континуирано вложувам свои средства за истражување и зачувување на македонските песни во Албанија и Гора. Сите патувања, конференции и публикации кои чинат илјадници евра ги финансирам сама, иако се од суштинско значење за Македонија, бидејќи бугарските истражувачи вложуваат огромни средства за да го претстават нашиот фолклор како нивен. Од емотивен аспект, со секое пеење на националната химна давам парче од мојата душа. Како професионален музичар можам да живеам каде било. Ќе ви откријам дека сум имала понуди за работа во професионални оркестри низ Европа и во Канада, а последната понуда беше да предавам виолина во ексклузивно приватно училиште во Пекинг. Лично познавам многу македонски уметници кои решиле да останат и да ја продолжат кариерата во Македонија. Јас сум една од нив.

Keep Up to Date with the Most Important News

By pressing the Subscribe button, you confirm that you have read and are agreeing to our Privacy Policy and Terms of Use
Previous Post

Фестивал на неми и класични филмови од денеска до 16 август во Кинотека на Македонија

Next Post

УНЕСКО постави рок: До 1 февруари 2022 да добие извештај со спроведени препораки или Охридскиот регион оди на листата на загрозени

Реклама