ВМРО-ДПМНЕ нема намера да учествува во театралната интерпелација режирана од страна на Џафери и СДСМ. Ова го истакна координаторот на пратеничката група на опозиционерите Никола Мицевски.
Имено, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата. Претходно, ВМРО-ДПМНЕ задоцнила со поднесување листа на говорници за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Наместо вчера во 11 часот, листата ја поднеле во 14 часот. Тоа за собранискиот претседател, Талат Џафери, е спротивно на Деловникот, кој предвидува листите да се поднесат 24 часа пред одржување на седницата, која денес почна во 11 часот. Поради тоа што списокот на говорници не им е прифатен, Никола Мицевски рече дека ова е со цел да се замолчи опозицијата.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери рече дека ВМРО-ДПМНЕ задоцниле со поднесување на листа на говорници за интерпелацијата, што според опозицијата, значи продолжување на трендот на самоволие и непочит кон процедурите од страна на мнозинството.
-Денес, Талат Џафери не дозволи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да дисктура по однос на интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Ова следи по скандалозното однесување претходната недела со кое од дневен ред се тргнаа интерпелациите за Бојан Маричиќ и Љупчо Николовски. Собраниското мнозинство на СДСМ и ДУИ секојдневно покажува зошто Македонија е карактеризирана како хибриден режим и зошто меѓународните организации укажуваат дека имаме нефункционални институции, рече Мицевски.
Тој нагласи дека за прв пат во 30 години, на најголемата опозициона партија и е оневозможено да збори за интерпелацијата на еден министер, чие работење го обележуваат многу скандали.
„Наместо Собранието да биде институција за контрола на владата, Владата преку Талат Џафери го контролира Собранието, рече Мицевски.
Интерпелација за работата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски е поднесена од пратениците од Алијансат на Албанците и Алтернатива.
Инаку, претходно, пред пратениците се обрати Спасовски за кого интерпелацијата е чудна и системот на вредности на опозицијата е изместен.